На 16.12.2014 г. во просториите на Дневниот центар „Порака“ – Радовиш се одржа инклузивна уметничка работилница со група ученици од СОУ „Коста Сусинов“ – Радовиш, под менторство на професорката Вера Ѓeоргиева и училишниот психолог Виолета Србакова која е член на Управниот одбор на „Порака“ и децата со посебни потреби од „Порака“ под менторство на социјалниот работник Тања Костадинова.
Работилницата се реализира во склоп на мултимедијалниот проект на Живко Поповски – Cvetin со мото „Цветна патека на мирот за хуманоста и учителот“.
Во рацете на Cvetin расцветаа необични, своевидни разнобојни цветови, со срце, душа и насмевка пренесени на околу педестина слики. Ден што ќе се памети, моменти што нема да се заборават . Децата од „Порака“ со искрено чувство на возбуда и воодушевување, со потпевнување го следеа цутењето на цветовите, ги редеа и прередуваа боите, му помагаа на Cvetin, а некои од нив насликаа по некој цвет.
Учениците од гимназијата вешто ја следеа креативноста на Cvetin и со своите ментори сликаа цветови во сите природни бои и нијанси.
Уметничките цветни слики ќе бидат наменети за хуманитарна цел.
Работилницата ги пробуди креативните можности кај сите присутни и на работните часови беа реализирани воспитно-образовните, педагошко-психолошките цели на слободните ученички активности.
Во присуство и на професорот Раско Лозаноски, Cvetin ги дарува сите присутни со по еден цвет од неговата цветна градина.
Убав ден, прекрасни незаборавни креативни мигови на дружење, топлина и љубов. Посакуваме уште многу цветни денови во нашето образование.