Учениците од гимназиските паралелки, во рамките на статијата “Успешни приказни од нашето училиште” втора година по ред прават интервју со поранешен ученик од нашето училиуште како дел од проектните активности “Изработка на училишен весник” под менторство на наставник Нина Железарска.
Ученици, се надеваме дека ќе Ви послужат како мотив и пример за вреднување на трудот и вложување во вашето знаење како темел за вашиот личен и професионален успех во иднината која Ви следи.
Ја имавме честа да разговараме со Павлина Митева, поранешен ученик во СОУ “Коста Сусинов”, а сегашен докторски кандидат за политички науки на универзитет во Гисен, Германија. Ја замоливме накратко да ни открие некои детали од нејзината професионална биографија и патот до таму, како приказна со која се гордее нашето училиште.
Павлина, чест ни е што ни дозволивте да Ве интервјуираме како би ја споделиле со нас Вашата успешна професионална приказна.
За вас знаеме дека сте докторски кандидат за политички науки во Германија каде што моментално живеете и работите. Дали може на кратко да ни кажете нешто за Вас, која е Павлина, што работите, каде поточно живеете?
Здраво Самира и Кате. Ви благодарам на поканата и чест ми е да бидам дел од вашиот проект. Ја поздравувам идејата, мислам дека и јас дефинитивно би сакала да пишувам за средношколско списание да ја имавме таа прилика кога јас бев ученик.
На кратко, јас моментално живеам и работам во Германија. Работам на Универзитетот Јустус Либиг во градот Гисен, блиску до Франкфурт. Јас сум докторски кандидат по политички науки и научен соработник во Центарот за Истражување на Животната Средина и Меѓународен Развој (превод од англиски: Center for Environmental Research and International Development).
Каква е Вашата работа, односно какви задолженија и обврски ги опфаќа истата? Што значи самиот назив “Докторски кандидат за политички науки”?
Докторски кандидат за политички науки значи дека сум кандидат да се здобијам со титулата Доктор по политички науки, а тоа се станува автоматски кога ќе се запишеш на докторски студии. Зависи од факултетот и од докторската програма обично се потребни три до пет години за еден кандидат да ги исполни условите и се здобие со титулата Доктор на науки. Јас моментално ја завршувам втората година од овие студии. Повторно, зависно од програмата, докторските кандидати може да имаат различни задолженија. Во мојот случај, моето главно задолжение е да работам на мојата докторска теза, тоа значи да истражувам и пишувам, но исто така некои семестри сум задолжена да им предавам неколку часа на студенти по магистерски студии. Обично држам предавања за методи за квалитативно научно истражување или други теми каде имам претходно истражувачко искуство.
Како што можеби претпоставувате, ние како средношколци не многу лесно можеме да се одлучиме на прашањето што би работеле и каде се гледаме во иднина. Како Вие се одлучивте за вашата професија? Дали од секогаш Ви беше желба да ја изберете правната професија како понатамошна животна определба или имавте и некој друг план Б?
Да, можам да замислам дека не ви е лесно ни вам, посебно сега кога има повеќе можности и опции. Не, ни јас не бев сигурна дали сакам да станам правник или адвокат кога се запишав на Правен факултет. Знаев дека сакам да читам различна литература, сакав да зборувам многу јазици и ми беше задоволство да пишувам. На почетокот мислев дека новинар би била идеална кариера за мене, земајќи го исто така во предвид мојот карактер. Новинарство се студираше во мое време исто така на Правен факултет и мислев дека ако се запишам таму ќе можам евентуално да сменам во текот на студиите, или пак со Правен би можела да станам новинар ако сакам, верувајќи дека со овој избор имам подобри шанси за работа. Така и бидна. Уште бев во последната година од правните студии кога ми понудија работа како правник во банка, и така почна мојата правна кариера. За време на последната година работев и студирав. И од тогаш, од мои 21 година кога почнав, работам цело време и сум имала многу различни професии и работни искуства, секое со свои предности и маани, но од секое имам научено многу.
Можете ли на кратко да ни го опишете Вашиот професионален пат. Како и зошто се одлучивте да ја напуштите Македонија и како и каде ве однесе патот понатаму?
Како што споменав, почнав како правник во банка и на таа професија останав околу пет години. За целото тоа време ја имав намерата да се запишам на магистерски студии некаде надвор од Македонија. Аплицирав многу често и бев одбивана и одбивана. Ама ми беше јасно дека тоа сакам како мој следен животен чекор и не се откажував. Така ја добив стипендијата за магистерски студии од ДААД (Германската служба за академска размена) и стигнав до Берлин. Тука се здобив со титулата магистер по политичка економија. После Берлин се преселив во Мексико Сити, каде живеев пет години. Во Мексико работев на различни проекти со невладини организации, владини агенции, со новинари, и обично секогаш како истражувач. Исто така предавав меѓународна политика во средно школо и предавав на Факултетот за меѓународни односи, на Универзитетот Анауак, Мексико Сити. Знаев дека еден ден сакам да им се вратам на студиите, сега како докторски кандидат. За време на мојот долгогодишен престој во Мексико аплицирав на неколку европски универзитети за да добијам таква позиција. После неколку неуспешни обиди, трудот ми се исплати и од пред две година го заменив Мексико Сити за Гисен.
Живот во странство. Кои се предизвиците со кои се соочувавте, а можеби и сè уште се соочувате како граѓанин на светот, далеку од дома, од семејството? Кои се од друга страна, предностите на живот и работа во странство? Претпоставуваме дека независноста која ја стекнувате на овој начин, носи со себе и свои одговорности, но и некоја своја тежина?
Што најмногу ви недостига од Македонија, од Радовиш, дали постојат нешта кои ве прават носталгични? Каква е Павлина по природа, носталгичар, или авантурист постојано отворен за нови хоризонти?
Мислам дека не сум носталгична инаку не би можела да бидам толку далеку од дома. Би се опишала порано како авантурист секако, ама мислам дека не сум повеќе толку отворена за чести и драстични животни промени. Ми се допаѓа каде сум сега и што правам. Македонија ми недостига секако, ја посетувам мојата фамилија и пријатели еднаш годишно. Од Радовиш ми недостигаат луѓето најмногу, моите најблиски.
Кога би се свртеле и би погледнале назад кон минатото и изборите кои ги имате направено постои ли нешто кои би сакале да го промените?
Не, навистина не би променила ништо. Мислам дека секое искуство и секоја грешка придонела да бидам тоа што сум и што правам сега.
Кој совет би им го дале на нашите средношколци?
Веројатно ќе звучи како клише меѓутоа навистина е важно да верувате во себе и да си останете достојни на вашите лични вредности. Не мора да знаете од сега која животна професија да ја одберете. Некогаш студираме едно а завршуваме правејќи друго. Јас сум пример за тоа. Зборувајќи за “што понатаму?”, според мене, важно е да се одлучите за нешто што ќе ве прави среќни и што барем во голем дел од времето ви преставува задоволство. Сите ние сме различни, имаме различни амбиции и различни способности. Заради тоа нема еден рецепт за успех или среќа, сите сами си го бараме патот и се осознаваме. Доверба во себе, упорност и почит спрема останатите би бил мојот личен рецепт.
Ви благодариме за одвоеното време и Ви посакуваме многу успеси во иднина. Веруваме дека овој разговор ќе послужи како пример и мотивација за сегашните и идните ученици на СОУ “Коста Сусинов”.
Напишале: Кате Бехлимова и Самира Асанова