Катерина Сусинова, професор по англиски јазик во СОУ Коста Сусинов, учествуваше во програмата “Fulbright Teachers’ Excellence and Achievement”, во Кент, Охајо, САД

Во прилог можете да го прочитате текстот и да ја погледнете фото репортажата за активностите кои беа опфатени во програмата:

Во периодот од 28 јануари до 11 март оваа година, нашата професорка по англиски јазик, Катерина Сусинова учествуваше во престижната програма Fulbright Teachers’ Excellence and Achievement, програма за професионално усовршување на професори од средни училишта, која се одвиваше на државниот универзитет во Кент, Охајо, Соединетите Американски Држави. Програмата е финансирана од страна на Стејт Департментот на САД, а организирана од IREX – интернационална, не-профитна организација која се занимава со дизајн и имплементација на програми со фокус на глобално образование и развој.

Програмата Fulbright TEA е програма за професори по англиски јазик, но може да се пријавуваат и професори по математика и природни науки, кои предаваат во средно училиште од земји во Европа, Азија и Африка. Таа програма се одвива во 7 различни држави на територијата на САД, а јас бев дел од групата која изучуваше Медиумска писменост, на Kent State University во Охајо. Вкупно на територијата на САД во овој семестар имаше околу 140 професори, а во мојата група бевме 18 професори. Од Македонија бевме јас и една колешка од Кичево, а останатите беа од 11 други земји од Источна Европа и Северозападна Азија. Целата обука траеше 6 недели и се состоеше од 3 предмети Медиумска писменост, Технологија во наставата и Организација на часовите по англиски јазик. Имавме многу интересни предавања базирани на методот Learning through Doing – односно учење преку работа, каде секој ученик е активен учесник во предавањата и дискусиите, и многу од активностите ги работевме во мали групи, а потоа ги споделувавме стекнатите знаења со останатите. Често пати на часовите имавме и гости – еминентни личности од областа на медиумите, како што се уредници на весници, новинари, репортери и слично, кои темата Медиумска писменост ни ја претставија од нивни агол.

Програмата Fulbright ТЕА освен што нуди професионална обука за професорите, вклучува и уште 2 други компоненти. Едната од тие е наречена Field Experience, односно посета на некое локално средно училиште во САД еднаш неделно во текот на 6те недели, со цел да се запознаат практиките на училиштето, да се набљудуваат часови, да се соработува со тамошните професори, како и да се одржуваат заеднички часови, да се разменуваат професионални искуства, а преку сето тоа да се изградат долготрајни партнерства кои ќе вродат можности за понатамошна соработка, како помеѓу професорите, така и помеѓу нивните ученици.   

Омилениот дел од програмата мене ми беше посетата на локалното средно училиште Kenston High School, бидејќи како професор по англиски јазик сметам дека секој што предава англиски јазик доколку му се укаже можност би требало да види и посети некое училиште во земја каде англискиот е мајчин јазик. Тоа е непроценливо искуство да се соработува со професори на кои англискиот им е мајчин јазик, во нивната средина на работење, со ученици кои живеат и учат таму.  Јас бев позитивно изненадена од можностите кои училиштето им ги нуди на учениците, пред се од целокупната опременост на училиштето, со кабинети, спортски сали, терени, училишен театар итн., но и од аспект на изборни предмети кои училиштето им ги нуди на учениците, како и од начинот на кој се предава и учи.  Претежно се става акцент на учење преку изработка на задачи и проекти и се развиваат вештини за критичко размислување, каде учениците не се само пасивни слушатели, туку од нив се бара критички да размислуваат, и да ги изнесуваат своите идеи, да учествуваат во дискусии, да соработуваат со другите, но и да развиваат лидерски вештини. Во целиот тој процес постои пријателски однос помеѓу учениците и наставниците, но и огромна взаемна почит и висок степен на културно однесување.

Третата компонента од програмата, е дознавање за американската култура и начин на живот преку запознавање и дружба со локални фамилии, таканаречени Friendship families, како и посета на музеи, историски локалитети, национални паркови, музички и театарски претстави, спортски настани, и слично.

Овој дел од програмата е од исклучително значење бидејќи имавме можност да се запознаеме со фамилии кои живеат во околината на Кент, и да поминуваме дел од нашето слободно време заедно со нив, како на пример одевме на театар, концерт, спортски натпревари, вечера во некој од локалните ресторани, посета на нивните домови итн. Тоа беа претежно повозрасни пензионирани граѓани – интелектуалци, кои волонтираат во оваа програма, со цел да го направат нашиот престој таму позначаен, од аспект на тоа дека преку нивниот секојдневен живот и активности ние дознавме многу за културата и начинот на живеење на луѓето кои живеат таму.

Покрај ова, самата програма вклучуваше и посета на музеи, заедница на Амиши, домашни фабрики за производство на сирење и јаворов сируп, национален парк и слично, со што бевме во можност да ги видиме и убавините на Кент и неговата околина, како и на некои од околните градови во тој дел на Охајо.

Придобивките од програмата за професорите се тоа што тие таму изработија свои проекти на темата Медиумска писменост и Технологија во наставата, кои потоа треба да ги реализираат во своите држави. Исто така, професорите се сега Alumni – штитеници на таа програма, и ќе имаат можност да аплицираат на некои следни повици кои таа ги нуди, и да добијат грант за реализација на други проекти во нивната држава.

Морам да истакнам дека сум многу задоволна од целата програма, а пред се од можноста да се запознаам и да соработувам со моите колешки и колеги од Источна Европа и Северозападна Азија, кои сите се професионалци во областа на предавање на Англискиот јазик како странски јазик. Како  финален производ од целата оваа програма ние индивидуално требаше да изработиме на 2 проекти – еден по Технологија, а другиот по Медиумска писменост, кои ги презентиравме таму пред нашите колеги, нашите тамошни професори, претставници од IREX, како и претставници од Стејт Департментот, а сега треба да ги реализираме во нашата средина на работа, онака како што секој лично ги замислил и подготвил.

Лично јас, главниот проект по Медумска писменост го имам замислено како работилници со ученици, со цел да се развие свеста за важноста и значењето на медиумската писменост кај нашите ученици, а заедно со нив преку изработка на информативни материјали, да ја покренеме свеста за оваа тема и на пошироко ниво, како што е населението од целата наша општина.

Во иднина, исто така се надевам дека ќе имаме можност да аплицираме и на други повици кои ги нуди оваа програма, со цел да добиеме средства од грантовите што таа ги нуди и да реализираме и други проекти кои би биле значајни за нашето училиште, и за нашата општина.

Фото репортажата ја подготвија:

Ристе Трајков – ученик во III година

Илија Димитриев – ученик во IV година

Катерина Сусинова – професор по англиски јазик

Април, 2022 година

Превод »