Организација на воспитно-образовната дејност

Теоретската настава во СОУ „Коста Сусинов“ – Радовиш се организира во гимназиското и стручното образование, согласно со соодветните наставни планови и програми, на македонски и турски наставен јазик.

Во рамките на стручното образование, училиштето реализира наставни програми во следните сектори и квалификации:

  • Геологија, рударство и металургија

    • Металуршки техничар;

    • Геолошко-рударски техничар.

  • Електротехника и информатички технологии

    • Електротехничар за компјутерска техника и автоматика;

    • Електротехничар – енергетичар.

  • Машинство

    • Машински техничар.

  • Градежништво и геодезија

    • Градежен техничар.

  • Економија, право и трговија

    • Техничар за е-трговија и дигитален маркетинг.

Наставата во стручното образование е насочена кон стекнување стручни знаења, практични вештини и компетенции потребни за успешно вклучување на учениците во работните процеси или продолжување на образованието.

Практично образование, учење преку работа и феријална пракса

Практичното образование претставува значаен дел од стручното образование. Согласно со наставните планови и програми, учениците од стручните сектори реализираат учење преку работа кај работодавач и феријална пракса, со што се овозможува поврзување на теоретските знаења со реалните работни процеси.

Учењето преку работа се реализира во соработка со компании и деловни субјекти, каде што учениците имаат можност да се запознаат со работната средина, да учествуваат во практични активности и да ги развиваат стручните компетенции поврзани со избраната квалификација. Феријалната пракса им овозможува дополнително практично искуство и примена на стекнатите знаења во реални работни услови.

Во Секторот геологија, рударство и металургија наставата се реализира и според принципите на дуалното образование, во соработка со компаниите „Бучим“ и „Боров Дол“. Во рамките на овој сектор се реализираат квалификациите Металуршки техничар и Геолошко-рударски техничар. Учениците стекнуваат компетенции од областа на металургијата, геологијата и рударството преку стручно-теоретска настава, учење преку работа и феријална пракса.

Во Секторот електротехника и информатички технологии практичното образование се реализира во рамките на квалификациите Електротехничар за компјутерска техника и автоматика и Електротехничар – енергетичар. Преку учењето преку работа и феријалната пракса, учениците стекнуваат искуства и вештини за работа со електрични и електронски системи, компјутерска техника, автоматика, електрични инсталации и енергетски уреди.

Во Секторот машинство, преку квалификацијата Машински техничар, учениците стекнуваат практични знаења и вештини од областа на машинските конструкции, обработката на материјалите, машинската опрема и производствените технологии. Преку учењето преку работа и феријалната пракса се запознаваат со работните процеси и примената на современите технологии во машинската индустрија.

Во Секторот градежништво и геодезија, преку квалификацијата Градежен техничар, учениците стекнуваат практични компетенции од областа на градежните материјали, конструкциите, техничката документација и технологиите на градење. Практичното образование се реализира преку учење преку работа и феријална пракса, а квалификацијата се организира и со зголемен број часови по практично образование, односно според принципите на дуалното образование.

Во Секторот економија, право и трговија, преку квалификацијата Техничар за е-трговија и дигитален маркетинг, учениците развиваат компетенции за електронска трговија, дигитален маркетинг, онлајн продажба, деловна комуникација и примена на дигитални алатки во современото работење. Преку учењето преку работа и феријалната пракса имаат можност стекнатите знаења да ги применуваат во реални деловни ситуации.

Учењето преку работа и феријалната пракса во повеќе локални компании во Радовиш овозможуваат поврзување на училиштето со локалната бизнис-заедница. Преку соработката со работодавачите, учениците се запознаваат со реалните работни процеси, стекнуваат практично искуство и се подготвуваат за потребите на пазарот на трудот.

Организација на наставата

Поради просторните капацитети и бројот на паралелки, наставата во училиштето се организира во две смени:

  • Прва смена: од 7:30 до 13:25 часот;

  • Втора смена: од 13:30 до 19:25 часот.

Распоредот на паралелките по смени се утврдува согласно со организацијата на наставниот процес и потребите на училиштето.

Воспитно-образовната дејност се реализира согласно со календарот за организација на учебната година и наставните планови и програми за гимназиското и стручното образование.

Дополнителни форми на настава

Покрај редовната настава, за учениците се организираат и следните форми на настава:

а) Додатна настава

Додатната настава е наменета за надарените и талентираните ученици кои покажуваат посебен интерес и постигнуваат повисоки резултати во одредени наставни предмети. Преку неа им се овозможува продлабочување на знаењата, развивање на способностите и побрзо напредување во совладувањето на наставните содржини.

б) Дополнителна настава

Дополнителната настава се организира за учениците кои имаат потешкотии во совладувањето на наставните содржини. Преку дополнителна работа, индивидуален пристап и соодветна поддршка од наставниците, на учениците им се овозможува полесно усвојување на знаењата и постигнување подобри резултати.

в) Консултативна настава

Консултативната настава се организира за учениците кои се стекнуваат со средно образование по вонреден пат, како и за учениците за кои е предвиден ваков начин на поддршка согласно со нивните образовни потреби.

Додатната и дополнителната настава се реализираат според посебно изготвени програми од страна на предметните наставници, а нивната реализација се евидентира во соодветната педагошка документација.

Проектни и воннаставни активности

Проектните и воннаставните активности, како и слободните часови во стручното образование, се реализираат во договорени термини меѓу учениците и наставниците, согласно со планираните активности и потребите на учениците.

Преку овие активности учениците имаат можност да ги развиваат своите интереси, таленти и способности, да стекнуваат нови знаења и да учествуваат во различни образовни, културни, спортски и практични проекти.

Превод »