Учениците од гимназиските паралелки, во рамките на статијата “Успешни приказни од нашето училиште” прават интервју со поранешен ученик од нашето училиште како дел од проектните активности “Изработка на училишен весник” под менторство на наставник Нина Железарска.

Ученици, се надеваме дека ќе Ви послужат како мотив и пример за вреднување на трудот и вложување во вашето знаење како темел за вашиот личен и професионален успех во иднината која Ви следи.


Делфина, за Вас знаеме дека сте софтверски инженер, која живее и работи во САД, во една од најпознатите компании во светот Apple. Дали може да ни кажете нешто повеќе за Вас, за тоа што работите и каде живеете. Накратко која е Делфина?

– Живеам во Сан Франциско и работам како софтвер инженер во главното седиште на Apple во Купертино. Во оваа компанија сум веќе скоро девет години.

Овде ќе се надоврзиме веднаш на претходното прашање, каква е вашата работна позиција, кои обврски, задачи, задолженија ги подразбира истата?

– Работам како сениор софтвер инженер на апликацијата Messages на iPhone, една од најкористените апликации за комуникациија. Некои од функциите кои ги имам сработено се: апликацијата да работи со 2 СИМ картички, поддршка за dark mode, пракање пораки со ефекти како балони и конфети, процесот на праќање на нова порака кога испишувате контакти, брзо споделување преку Messages со пријатели со кои најчесто комуницирате, итн. Моите обврски вклучуваат: дефинирање на начинот на работа на новите функции, правење детален план за истите да се имплементираат, координација со други тимови во Apple, работа со дизајнерскиот тим, имплементирање на новите функции во код и менторство на други инженери.

Можете ли да ни опишете еден ваш работен ден?

– Распоредот на денот варира зависно од тоа во кој дел од развојот на iOS оперативниот систем сме, но најчесто денот ми почнува со едночасовно патување од Сан Франциско до Купертино. Apple како и многу други големи компании имаат организиран превоз до работа затоа што многу од младите преферираат да живеат во Сан Франциско. Обично патувам 4 од 5 дена во неделата, а еден ден целиот тим може да работи од дома. За време на патувањето ги проверувам вестите во светот, социјални мрежи, одговарам на мејл и правам план за денот. Кога ќе стигнам на работа, секој ден имаме краток состанок каде секој член од тимот дава увид во тоа што планира да сработи тој ден и дали сè се одвива според планот. На овој начин сите во тимот знаат кој на што работи и секој си има одговорност да го заврши тоа до крајот на денот. Потоа продолжувам да давам review на кодот што го напишале другите инженери. За секоја промена во софтверот што ја прави некој инженер, мора да има друг што ќе ја провери и одобри. На пладне, одиме на ручек со тимот. Во кампусот имаме огромна кујна, секојдневно различно мени за храна и избор од 20-30 различни кујни, па не мора да излегуваме надвор од кампусот. После ручек, имам по 1-2 состаноци со други тимови со кои соработуваме и остатокот од денот го минувам во кодирање на новите функции. На крај на денот, 2 пати неделно вежбам или излегувам на вечера во некој од многуте ресторани во Сан Франциско.

Една од најголемите дилеми за средношколците е нивната професија во иднина. Како Вие се одлучивте токму за оваа професија?

– Отсекогаш сум ги сакала природините науки како математика, информатика и физика. Информатиката ми беше нешто ново и интересно со кое се запознав уште во основно и навистина уживав во учењето на програмскиот јазик и на логиката во тие јазици. Ме интересираше да научам да правам програми и апликации, па природно беше да одберам да го го изучувам софверското инжинерство.

Компјутерското инжинерство е едно од најбараните професии во денешно време. Можете ли да наведете некои предности и недостатоци на оваа професија, гледано од Ваш аспект?

– Професијата има многу предности, живееме во свет на технологијата, така да имате многу области каде што може да ја примените. Исто така ова е многу креативна професија затоа што има повеќе начини и јазици да се направи една програма така што може да бидете многу креативни и никогаш да не ви биде досадно. Од друга страна, технологијата постојано се развива па мора да бидете во тек и секојдневно да учите. Едно нешто што е и предност и недостаток е флексибилноста затоа што можеш да работиш од било каде. Не си врзан за едно место и не мора нон стоп да бидеш во канцеларија. Јас еднаш неделно работам од дома па дури и од Македонија кога сакам да поминам повеќе време таму. Истата таа флексибилност може да биде и недостаток затоа што работата си ја носиш дома па се случува да работиш и во слободното време. Но, дефинитивно предностите се многу повеќе од недостатоците.

Дали само професијата беше фактор за да одлучите за живот во странство?

– Јас во Америка заминав на постдипомски студии. Добив стипендија од “Охајо Универзитетот” и таму завршив мастер студии за компјутрска наука. После студиите имав желба да работам во Силиконската Долина каде што се најголемите и најупешните софтверски фирми. Мојот брат веќе живееше таму па ми беше дополнителна причина и јас да аплицирам за работа во Силиконската Долина.

Како би го опишале животот во странство?

– Сан Франциско и околината се посебно место за живеење што е различно од многу други места во САД. Луѓето кои живеат тука се од различни делови од светот кои се дојдени овде да направат промени во индустирјата, така што секојдневно сум опкружена со луѓе и настани кои работат на подобрување на животот со технологија. Културата е на многу високо ниво, постои голема почит и професионалност помеѓу сите вработени без разлика на кое ниво се. Трудот и работата се цени, признава и наградува соодветно.

Да не бевте компјутерски инженер, која друга професија ви беше во план?

– Најверојатно некој друг вид на инженер.

Сега би сакале да Ве вратиме назад во Вашите средношколски денови. Како се определивте да се запишете во нашата гимназија?

– Се определив за Коста Сусинов затоа што живеев во Радовиш и гимназијата беше позната по тоа што има квалитетни и докажани професори.

На што најмногу се потсетувате денес од средношколските денови?

– На дружбата со соучениците.

Еден од проблемите на средношколците е органи-зирање на времето за учење и слободното време. Како вие се справувавте со овој проблем?

– Имав изградено рутина со која најпрво ги завршував обвските со учењето па потоа уживав во слободното време. Добра органзицаија на времето е клучна не само за време на школување, но и подоцна со обврските на работа. Се водам со идејата дека што побрзо ги завршиш обврските толку побрзо ќе можеш да се посветиш на останатите активности што сакаш да ги правиш во слободното време.

Што најмногу ви недостига од Македонија кога не сте таму?

– Најмногу фамилијата и кога сум во Македонија сакам да поминам што е можно повеќе време со нив. Исто и пријателите кои се тука и со кои редовно комуницираме.

Дали имавте омилен професор и предмет?

Ги обожавав математиката, информатиката и физиката а од професорите навистина не можам да издвојам затоа што сите беа многу спремни и сите се трудеа да не научат на што може повеќе.

Сметате ли дека средното училиште може да ги подготви учениците за идните предизвици во животот, како на приватен така и на професионален план?

– Мислам дека програмата по која јас го завршив средното училиште ме подготви за многу предизвици на факултет, особено затоа што редовно одев на натпревари по предмети кои беа важни на електро факултетот. Останите предмети ми дадоа знаење од многу различни области кои ми овозможија да имам широко знаење за светот. Школувањето во средното училиште исто така ми помогна да изградам стил на работа кој има многу дисциплина.

Што се однесува на личен план, би можеле ли да ни кажете нешто повеќе за вашите интереси и хоби, што правите во слободното време кога не сте на работа?

– Во слободното време спортувам во вежбална, ујам фитнес или салса, играм тенис и читам книги. Калифорнија има многу убава природа па за време на викенди одам на прошетки во природа. Кога имам повеќе слободни денови, ги користам за патување на нови места со различна култура.

Дали имате некои неостварени соништа и дали тие влегуваат во вашите планови за во иднина?

– Во иднина би сакала да пробам нов предизвик и да се најдам во улога на инженерски менаџер.

Животно мото кое ве води?

– Работи го тоа што го сакаш и професијата ќе ви биде задоволство.

За крај дали имате некои совети кои би можеле да ги дадете на нашите сегашните средношколци?

– Би им препорачала да учат пред се за знаење, да се фокусираат да најдат област која ке уживаат да ја изучуваат и да изградат пријателства затоа што тие се оние кои траат најдолго.

Ви благодариме за одвоеното време и ви посакуваме многу успеси во иднина. И понатаму бидете пример и мотивација за успех за идните ученици на СОУ “Коста Сусинов”.

Напишале : Моника Трајанова, Берна Асанова, Анастасија Ташкова, Драгана Коцева и Христина Георгиева

Превод »