Реализирана првата работна посета во Нови Сад од страна на тимот на наставници и ученици од проектот “Младите одговорни за светот” во периодот од 30 октомври до 2 ноември 2018-11-03
Тимот од наставници и ученици од средното општинско училиште “Коста Сусинов” од Радовиш, во периодот од 30.10.2018 година до 02.11.2018 година реализираа тридневна работна посета во гимназијата “Светозар Маркович” во Нови Сад, Србија. Станува збор за активност која е дел од проектот на СОУ Коста Сусинов, “Youth in charge of the world (Младите одговорни за светот)” којшто започна да се реализира во септември 2018 и е предвидено да трае во наредните девет месеци. Овој проект е поддржан од Регионалната канцеларија за младинска соработка RYCO, како и од 6-те влади на замјите од Западен Балкан и предвидува реализирање на активности во насока на подобрување на соработката, комуникацијата и искуството помеѓу младите кои потекнуваат од овие земји. Раководители на студиската посета беа тимот од четири наставници од СОУ “Коста Сусинов”: Наташа Спасевска, Венка Тадирова, Катерина Сусинова и Нина Железарска, додека директни учесници беа 17 ученици од четирите години од нашето училиште кои самоиницијативно се пријавија и аплицираа да учествуваат во активностите од проектот. Како едно од двете партнер училишта се јавува гимназијата “Светозар Маркович” од Нови Сад, па за таа цел беше воспоставена онлајн комуникација со претставници од неа и беа склучени договори за соработка меѓу училиштата.
Пред самата посета претходеа многубројни подготовки и припреми кои опфаќаа избор на ученици, како од нашето училиште така и од партнер училиштето од Нови Сад, воспоставување на комуникација со партнер училиштата, организација на работилници за запознавање на српската култура, работилница за изработка на мултимедијална презентација, организирање на родителска средба со родителите и учениците кои учествуваат во проектот, прибирање на потребната документација (родителски согласности, прашалници за учениците, потврди за патување).
Па така ноќта на 29 октомври, тимот од наставници, седумнаесетте ученици и директорот Гоце Лазаров од СОУ “Коста Сусинов”, од Радовиш заминаа во посета на гимназијата во Нови Сад. Како што беше предвидено, пристигнаа во утринските часови во гимназијата Светозар Маркович каде ги дочека топлото добредојде на директорката Татјана Вукадинович, училишниот психолог Љиљана Араџански Рајков, но и сите останати наставници од училиштето.
Целата група од Радовиш беше примена во свечената сала на училиштето каде следуваше меѓусебно претставување и запознавање на партнерите. Во обраќањето на директорката беше изразена искрената и срдечна намера за успешна комуникација и понатамошна соработка која би вродила со многу идеи за подобрување на училишното работење како кај едното, така и кај другото училиште. Тимот на наставници и ученици од Радовиш како претставителни гости, им подарија репрезентативен материјал со маички, беџови и банер со боите и логото на проектот и на тој начин облечени сите во боите и со пораката на мотото, беше остварена намерата да се постигне единство и еднаквост на сите учесници во проектот без разлика на земјата од која доаѓаат.
Следуваше разглед на гимназијата, па така воодушевувањето кај гостите од самата градба на зградата, организираноста, уредноста како и опременоста на некои од просториите, беше оправдана реакција.
Чувството на блискост и пријателство се забележуваше најмногу кај младите учесници – учениците од двете училишта, на кои им требаше многу малку да започнат искрени дружења и пријателства.
Со утринско кафе и закуска за крако време се разменија многубројни искуства за различни аспекти од училишното работење, почнувајќи од образовните програми и политики, до различните реформи, примената на техологијата и многу други теми кои се секојдневна тематика кај просветните работници.
Би било неблагодарно доколку не се спомене ангажманот на другите наставници, особено на професорката по географија Лидија, професорката по англиски Данка, кои го посветија целото свое време, знаење и шарм за да ни ја доближат српската култура, историја и секојдневие најмногу што можат.
За таа цел, по заминувањето од гимназијата, останатиот дел од претпладнето овие умешни и харизматични наставници беа наши водичи низ градот, запознавајќи нè со убавините, богатствата, културата и минатото на град Нови Сад. И навистина учениците и наставниците од Радовиш имаа што да посетат и видат во оваа лулка на културата на војводинската покраина. Многубројните религиозни градби како катедралите, православните цркви и синагогата сведочат за мултикултурноста како главен белег на Нови Сад, и ја носат на виделина обемната и разнолика уметност во архитектурата како на пример готскиот стил изразен преку римокатоличките градби на 18 и 19 век од една страна, нео-византискиот стил на ортодоксните цркви од друга страна, или пак стилот Art Nouveau кој се забележува кај Синагогата во стариот дел на Нови Сад.
Постои незабележлив и суптилен спој од модерен Нови Сад со неговите мали и примамливи барови, кафулиња и ресторани, и од друга страна историскиот и племенит Нови Сад кој како нем сведок постојано потсетува на грандиозноста на оваа престолнина во склоп на некогашното австро-унгарско кралство. Маѓепсувајќи нè така со своите галерии, улички, плоштади, паркови ја дочекавме првата ноќ во градот и уморни и задоволни го завршивме првиот ден од студиската посета.
Вториот ден во Нови Сад на групата ученици и професори, како и директорот на училиштето од Радовиш, почна работно во училиштето на домаќините, потоа продолжи со разглед на градот и посета на некои од позначајните знаменитости, а сето тоа беше проследено со едно прекрасно и незаборавно дружење меѓу учениците и професорите од двата града.
Најпрво, во свечената сала на училиштето беа одржани две презентации, на кои учениците од двете училишта успешно се претставија. Една од ученичките од Нови Сад презентираше за своето училиште и сеопфатно објасни за се она што е дел од училиштето, како и за сите активности во кои тие како ученици се вклучени. Потоа следуваше презентацијата на гостите, во која пет ученика од Радовиш презентираа и зборуваа за својата земја, својот град, како и своето училиште, и вон-наставните активности на учениците во склоп на училиштето. Учениците имаа претходно подготвено и видео за градот Радовиш, кое беше вклучено во самата презентација. Во еден момент пред презентациите, додека се проследуваше едно кратко видео за училиштето на домаќините, гостите беа поздравени и од државната советничка за образование, која тој ден беше во работна посета на училиштето.
Откако завршија презентациите, учениците и професорите од Радовиш беа поканети да присуствуваат на час по Англиски јазик, кај професорката Данка, каде во чест на празникот Halloween, кој што е на 31 Октомври, учениците од Нови Сад го водеа часот преку презентација за празникот, квиз на знаење за некои поими поврзани со Halloween, како и една кратка работилница за правење на Halloween маски и украси.
Потоа сите заедно се упатија низ магичните улички на Нови Сад, кон Петроварадинската тврдина, а попатно се правеа кратки паузи кај некои од позначајните згради и зданија, каде професорката Лидија, како и некои од учениците од Нови Сад, раскажуваа за нивниот настанок, образложувајќи детали за нивната значајност за историјата на Нови Сад и српскиот народ.
Поминавме и низ Војводинскиот Парк, кој пленува со својата убавина и опоен мирис на природа, а преку милозвучниот глас на птиците и живописните бои на есента вдахнува чувсто на смиреност и релаксираност. Таму се наоѓа и споменикот на познатиот српски сликар, поет и раскажувач, Ѓура Јакшиќ, и се верува дека ако му шепнеме некоја желба на неговото десно уво, таа ќе ни се исполни.
Една од поважните знаменитости која се посети беше Споменикот на жртвите од фашизмот, поставен на кејот на реката Дунав, и таму гостите имаа можност да дознаат информации за трагичниот живот на српскиот народ во времето на Втората светска војна, повторно преку сликовитото раскажување на професорката Лидија, која неуморно го пренесуваше своето знаење за српската историја, со цел да ни објасни подробно за сите збиднувања од тој период.
Следна дестинација беше Петроварадинската тврдина која се наоѓа на другата страна од кејот на реката Дунав, и се воодушевуваме на спектакуларниот поглед кон градот Нови Сад. Се искачивме по калдрместите скалила до тврдината и имавме можност да ѕирнеме во влезот од некои од катакомбите, за кои еден од учениците ни раскажа дека ги има на четири нивоа, а истиот ученик на кратко ни прочита и објаснувања за самата тврдина и нејзиното значење во минатото. Тој зборуваше и за саат кулата, нејзините променети стрелки и интересниот податок зошто е тоа така. Во денешно време, таа тврдина е луксузен хотел, посетен од многу домашни и странски гости.
По обиколката на тврдината, слеговме на главната улица од Петроварадин, кое порано било посебно гратче, но денеска е дел од Нови Сад, и таму ја видовме старовремската капија, која претставува посебен белег на овој дел од градот.
После оваа извонредна прошетка низ грандиозниот Нови Сад и уживање во неговите убавини, учениците имаа малку слободно време за заедничко дружење низ центарот на градот, а вечерта следуваше шопинг во еден од познатите Трговски центри “Биг”.
Исполнети со позитивни импресии од овој ден учениците и професорите се упатија кон хотелот, во исчекување на наредниот ден и предизвиците што тој ќе ги донесе.
Третиот ден од студиската посета на домаќините од гимназијата “Светозар Маркович” во Нови Сад, Србија започна работно. Тимот од наставници и ученици од средното општинско училиште “Коста Сусинов” од Радовиш повторно беа пречекани во училишниот двор од страна на љубезните и неуморни наставници и ученици кои гореа од желба да продолжат со раскажување на приказната за своето училиште и својот град.
Целата група од Радовиш, заедно со домаќините од училиштето, беше примена во свечената сала на училиштето каде следуваше час по хемија организиран и воден од страна на една млада, амбициозна и перспективна професорка со само петгодишно работно искуство. Часот претставуваше сплет на интерактивна настава и примена на ИКТ технологија каде учениците успеаја да направат размена на свои искуства и познавања од науката, а исто така и да научат нешто ново.
Следуваше час по историја, на кој сите присутни имаа можност да погледнат видео, односно краток филм, режиран и снимен од вредните ученици на гимназијата под менторство на своите професори. Филмот зборуваше за животот на луѓето од Нови Сад и воопшто од Војводина за време на воениот период и Холокаустот, посебно тешкиот живот на евреите, кои биле малтретирани и прогонувани, за да денес ги има во градот во само во мал двоцифрен број. Меѓутоа трагите останале на многубројните споменици низ градот, меѓу кои Споменикот на жртвите од фашизмот, кој имавме можност да го посетиме на вториот ден од студиската посета. Безброј емоции на тага и сочуство се искажаа и покажаа во тие моменти, споделувајќи и знаења за минатото на македонскиот народ во тој период од минатото. Македонија и Војводина делеле исти судбини во минатото само на различно тло и од малку поразлични окупатори.
Целата група на наставници и ученици, домаќини и гости, низ племенитите и пространи улички на градот, се упати кон Народниот музеј на строго заштитени животински видови во Република Србија. Овде, во овој музеј со широко отворени врати за посетители – љубители на природата, се почувствува желбата за заштита и за зачувување на биолошките, геолошките и територијалните разновидности на природата. Гостите од Македонија имаа можност да направат споредба со постоечките животински видови во нашата земја и начинот како тие се заштитени.
Остатокот од попладнето го продолживме во слободна прошетка по центарот на градот со цел да се вкуси традицијата на храната, да се почувствува сплетот на старото и новото, да се вдиши магијата на овој величествен град кој плени со својата убавина, а за тоа придонесуваат и културата и љубезноста на самите жители.
Вечерта дружбата продолжи во библиотеката на гимназијата на домаќините, каде беше организирано литературно читање на кое се претставија младите поети со свои творби од модерна поезија, легендарниот Марко кој не дружеше постојано овие денови како и други ученици од домаќините, членови на литературниот клуб и драмската и новинарската секција. На овој настап се претстави и нашата Викторија Митева која ги воодушеви присутните со својата емотивна проза. Потоа присутните се забавуваа со познати српски и македонски песни како Јовано Јованке, Две Лири, многу песни од Тоше и со гитарска придружба од прстите на талентираната Данка Вукадиновиќ, нашата домаќинка, професорката по англиски јазик.
Вечерта, дружбата и забавата не заврши во библиотеката, туку продолжи низ тесните училички полни со барови, ресторани и кафулиња со исфрлени масички, полни со млади луѓе желни за забави и ноќен живот. Такви беа и нашите ученици а и нашите домаќини ученици, разиграни, весели и неуморни за дружење. Малку во слободен стил ја завршивме вечерта со звуците на српската и странската поп-рок музика во едно од кафулињата…
Но, не. Дружењето не смее да заврши овде. Тоа ќе продолжи во Радовиш, па повторно во Нови Сад, па повторно … и така до бескрај. Следуваа прегратки, бакнежи, солзи… море од емоции.
Четврти ден.
За да можеме да го заокружиме оваа патување мора да дојде и крајот. После убавиот појадок со спремните куфери ги почекавме домаќините за да се збогуваме. Со искрени желби и споделени доживувања, секако со мали подароци домаќините ни посакаа среќен пат. Сите ние со нетрпение ќе ги очекуваме нашите нови пријатели да дојдат во Радовиш во март. Спремни го започнавме патувањето кон дома полни со спомени. Да поминеш покрај Белград а да не застанеш барем неколку часа е невозможно. Белград, нашата попатна станица.
Возејќи се, се воодушевувавме на убавините и застанавме на Калемегдан на бескрајниот видик каде Сава и Дунав ги спојуваат своите приказни. Во нивната приказна се вклучивме и ние.
Потоа групата се упати кон најпознатата улица Кнез Михаилова, каде вкусивме дел од српската храна за да собереме сила за слободен разглед.
Краткиот разглед на Белград нè внесе во светот на Нова Година, веќе украсениот град нè понесе во светот на желбите и посакувањата во новата година.
Оваа младинска размена ги оствари нашите очекувања, помеѓу младите и нас, наставниот кадар не постоеше никаква бариера ниту предрасуди, туку овде се стекнаа вистински пријателства за кои на разделбата се пролеа и солза. Колку повеќе знаеме за другите и сме запознаени со нив толку повеќе исчезнуваат стериотипите, царуваат вистински пријателства, а и по некоја младинска љубов.
На крај во нашето комби со кое патувавме нè воодушевија искажаните зборови на благодарност од учениците за укажаната несекојдневна можност на размена, прошетка и пријателства, за запознавање на нова земја, друга култура и други навики кои позитивно влијаат на нив.