На 14.11.2018 година (среда), со времетраење од 12:40 до 14:15 часот, во просториите на кабинетот по Музичка уметност, при СОУ “Коста Сусинов”, Радовиш, се одржа работилница “Запознај ги убавините на Босна и Херцеговина и шармантното гратче Јајце”, во рамките на проектот RYCO “YOUth in charge of the world!”. Работилницата беше одржана од страна на професорките одговорни за реализација на проектот: Катерина Сусинова, Наташа Спасевска, Венка Тадирова и Нина Железарска, а учество во истата земаа учениците кои се дел од самиот проект.

46336624_537578930043812_4848594576228745216_n

Работилницата започна со разговор за импресиите на учениците кои го посетија градот Нови Сад, и тие им раскажаа на другите ученици како го доживеале градот Нови Сад зборувајќи за своите искуства и доживувања поминати таму, за време на студиската посета на градот.

Потоа учениците имаа можност да се запознаат со Бранкица Свирков, наша сограѓанка со потекло од Босна и Херцеговина, која им зборуваше за својот живот и детство поминато во Сараево, нејзиниот роден град. Додека зборуваше таа цело време го употребуваше Босанскиот јазик, за учениците да можат да го слушнат јазикот од страна на говорител на кого Босанскиот му е мајчин јазик.

Веднаш после нашата гостинка следуваше кратка презентација за Босна и Херцеговина, во која беа опфатени општи податоци за самата држава, населението во неа, јазиците кои се зборуваат таму, како и некои познати личности, како што се познатиот писател Иво Андриќ и познатиот филмски режисер, Емир Костурица. Акцентот беше ставен на познатите босански музички изведувачи – пејачи и пејачки, и овде учениците беа вклучени во активност на слушање извадоци од песни и имаа задача да ги познаат пејачите и песните. Учениците без проблеми ја завршија оваа задача бидејќи навистина добро се запознаени со богатата музичка сцена и изведувачи од БиХ, како што се Здравко Чолич, Лепа Брена, Харис Џинович и други.

Следната активност беше гледање на кратко видео со 15 градови од БиХ, и учениците во групи ги запишуваа имињата на градовите, како и некои карактеристични знаменитости од секој град, а потоа претставник од една група ги прочита градовите што ги запишале, а претставници од другите групи раскажаа за некои од знаменитостите од секој град.

Следуваше кратка пауза, а потоа учениците проследија презентација за градот Јајце, поточно за неговата местоположба, луѓето кои живеат таму, преданијата за името на градот, историски податоци, културата, образованието и спортот, како и за познатите места и убавини кои можат да се видат во градот и неговата околина.

Во склоп на самата презентација, на крајот беше вклучен и квиз на знаење, па така учениците во своите групи имаа задача да одговараат на прашања во врска со податоците кои што ги научија од презентацијата. Учениците покажаа дека внимателно ја следеле презентацијата бидејќи имаа точен одговор на сите прашања.

Како завршна активност поврзана со градот Јајце беше едно видео за самиот град, и после неговото гледање учениците раскажаа кои од знаменитостите во градот успеаја да ги препознаат во видеото.

На крај учениците беа вклучени во вежба за надминување на предрасуди, во која најпрво го слушаа едниот дел од приказната за Јоно Око и Хаи, и имаа задача во своите групи да дадат оцена за ликовите од 1 до 5, и да образложат зошто, а потоа се прочита другиот дел од приказната и се донесе заклучок. Учениците самите успешно дојдоа до заклучокот дека не треба да се водиме од своите лични предрасуди или стереотипни убедувања за некои личности или цели нации и народи, туку треба да сме трпеливи и да се обидеме да ги дознаеме сите факти и докази пред да донесеме заклучок или свој суд, односно став за некоја ситуација или личност.

Како заклучок од целата работилница може да се извлече дека учениците дознаа и научија многу за животот, културата и знаменитостите на Босна и Херцеговина, како и за градот Јајце, а исто така беа поттикнати да размислуваат за своите понатамошни постапки и однесувања во различни ситуации, со различни луѓе и народи, без да бидат водени од своите предрасуди.

Пред самиот крај учениците беа потсетени за нивните понатамошни активности во рамките на целиот проект, и на оние кои веќе беа во студиска посета на градот Нови Сад им беа доделени прашалници кои ги пополнија објаснувајќи за нивните впечатоци од посетата.

Превод »