ДПТУ „Боров Дол“ ДООЕЛ од Радовиш втора година по ред е една од поддржувачите на Social Day, настан организиран од младинската организација „Младите Можат”, со цел да се вклучат младите и да се запознаат, преку еднодневна пракса, за работните обврски во една компанија.
Минатата година за прв пат се реализираше Social Day во РСМ каде „Боров Дол“ зеде учество, а учениците од СОУ „Коста Сусинов” добија награда за најдобар проект, и го реализираа во своето училиште, односно опремија училница за рекреација.
11 средношколци, ученици од СОУ „Коста Сусинов” на ден 09.11.2022 година, претставници од Средношколската унија на училиштето, од различни струки, а и од гимназиско образование имаа можност еден ден да бидат дел од тимот на „Боров Дол“ и да ја искусат работната динамика во рудникот. Денот го започнаа со вработените инженери кои им ги објаснија нивните работни задачи и должности на геолог, инженер еколог, раководител на служба за финансии и сметководство, референт за сметководство, раководител на сектор за човечки ресурси, главен енергетик, раководител на комерција, оператор во диспечерски центар, инженер за безбедност и здравје при работа, раководител на производствено техничко одделение, главен машински инженер и архивар, а потоа на терен им направија демонстрација за работата на рудникот „Боров Дол“.
Идејата е, младите луѓе да заменат еден училишен наставен ден за ден на работа која тие ја бираат, односно да донираат дел од своето време и својата дневница за младински проекти во нашата држава. Целта на Social Day е да се воспостави солидарност помеѓу младите во текот на нивните училишни денови, да инспирира активно граѓанство и општествен развој воден од млади, што е влијателен инструмент за креирање фонд за младински иницијативи.
Средношколците од СОУ „Коста Сусинов” во Радовиш, освен што имаа можност да научат нешто повеќе за задачите и одговорностите при работењето, имаа можност и да ги разгледаат потенцијалните области за вработување и насоки за понатамошно образование. Еднодневниот работен ангажман на средношколците им овозможи одблиску да се запознаат со работна позиција која посакуваат да ја работат во иднина, да научат нешто повеќе за одбраната струка, да стекнат искуство на работно место во реални услови, да ги поврзат стекнатите теоретски знаења со практични вештини, а воедно и да се здобијат со проширена можност за избор на занимања и согледување на можности за професионален и кариерен развој преку споделувањето на експертизи, знаења и искуства од страна на вработените во Боров Дол.
Учениците и наставниците од СОУ„Коста Сусинов” од Радовиш, како и директорот Миле Арсов, им се заблагодаруваат на тимот на ДПТУ Боров Дол ДООЕЛ Радовиш.