На 03.03.2023 учениците од проектот BRAVE – ХРАБРИ, учествуваа во втората работилница од проектот на тема “Медиумска писменост”. Преку разновидни игри и активности како што се глув телефон, игра на улоги, анализа на реклами, дискусија и слично, учениците имаа можност да научат нешто повеќе за медиумската писменост, колку е таа значајна во денешно време, и колку е важно секој од нас да знае да ги препознава вистинските вести кои секојдневно се презентираат во медиумите и социјалните мрежи.

На дел од работилницата присуствуваа и претставници од регионалната телевизија “ТВ Кобра”, на кои координаторот на проектот проф. Катерина Сусинова им ги објасни целите и активностите од проектот.

Како последователен настан на 13.03.2023 дел од учениците од проектот ги посетија просториите на “ТВ Кобра” и се запознаа со споственичката г-ѓа Ленче Литајковска, како и со дел од вработените таму. Тие ни раскажаа за долгогодишното постоење на овој медиум и предизвиците со кои се соочуваат во овие 30 години работење како медиум во југоисточниот регион на Македонија. И нашиот тим ученици беше добро подготвен со прашања за главната новинарка, г-ѓа Виолета Вантова, која на драго срце се согласи да одговори на прашањата и да се сменат улогите, па така таа беше гостин, а учениците беа новинари.

Сé на сé едно одлично искуство за учениците, каде што се потврдија и заклучоците изведени и на самата работилница, а тоа е дека:  “Секоја вест треба да биде добро проверена и поткрепена со факти пред да биде објавена на некој медиум, а читателите, слушателите и гледачите повторно би требало да направат двојна проверка пред да поверуваат во веста!”

Превод »