Во рамките на проектот RYCO “Youth in charge of the world!” – “Младите одговорни за светот!” остварена е работна посета на СОУ “Коста Сусинов”, Радовиш, од страна на ученици и наставници од гимназијата “Светозар Марковиќ”, Нови Сад, како и од Средното стручно училиште од Јајце
Во периодот од 12 до 14 Март, 2019, нашите пријатели, тимовите ученици и наставници од Нови Сад и од Јајце го посетија нашето училиште и нашиот град. Тие беа презадоволни од пречекот, како и од можноста повторно да се видиме и да се дружиме, а секако и ние се радувавме на нивната посета. Ова беше и моментот кога учениците и наставниците од нашите партнер училишта меѓусебно се запознаа, а сите заедно повторно разменивме мисли за искуствата и практиките на работење на трите училишта.
Ние како добри домаќини ги пречекавме со полна трпеза од домашни специјалитети, а потоа следуваше разглед на нашата гимназија.
Потоа ги прошетавме гостите по улиците на нашиот град, раскажувајќи им за минатото и културата на градот Радовиш и неговата околина.
Беа воодушевени од грандиозната црква “Света Троица”, а им се допадна и самото гратче со своите улички, дуќанчиња и мирен начин на живеење.
Разгледот на Радовиш заврши во градската библиотека, каде гостите дознаа повеќе информации за настанокот и работењето на самата библиотека, а имаа можност да ја видат и поставката на предмети од животот на познатата оперска пејачка Милка Евтимова, со потекло од Радовиш.
Вториот ден од работната посета на нашите гости започна со нивно присуство на некои наставни часови, како и на две работилници, едната во рамките на часот по англиски јазик, а другата во склоп на стручни предмети од областа на металургија.
Потоа во свечената аула на нашата гимназија, СОУ “Коста Сусинов”, се одржа презентација за целиот проект RYCO “Youth in charge of the world!” – “Младите одговорни за светот!” На презентацијата беа присутни ученици и вработени од гимназијата, ученици и наставници од партнер училиштата на проектот, од Јајце и Нови Сад, претставник од канцеларијата RYCO, г-н Алберт Хани, претставник од германската амбасада г-ѓа Катрин Фројнсвелд, претставници од општина Радовиш, како и од основните училишта во Радовиш, претставник од градската библиотека, а имаше и родители на учениците вклучени во проектот. Настанот беше проследен и од страна на локалната телевизија “ТВ Кобра”.
Учениците од СОУ “Коста Сусинов” вклучени во овој проект ги презентираа главните цели и активности на проектот, како и нивните импресии од посетите на партнер училиштата од Јајце и Нови Сад. Беше прикажана и видео пораката на учениците за нивното учество во овој проект.
Сето ова беше збогатено со музичко-сценска изведба повторно подготвена од страна на учениците, а свое обраќање имаа и директорот на гимназијата, г-н Гоце Лазаров, како и координаторот и асистентите на проектот Венка Тадирова, Наташа Спасевска, Нина Железарска, и Катерина Сусинова.
После презентацијата гостите го посетија манастирот “Свети Ѓорги”, во с. Ораовица, во близината на нашиот град, и беа занемени од прекрасната природа околу манастирот, како и од самата градба на манастирот.
На гостите исто така многу им се допадна и радовишкиот специјалитет, сомун, а вечерта имавме прекрасна забава “Balkan Night”, каде игравме, пеевме, и се забавувавме со музиката од познати изведувачи од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина.
Последниот ден, пред заминувањето, гостите имаа можност да го видат и главниот град на Македонија, Скопје, каде го посетија Музејот на Македонската Борба за Државност и Самостојност, а потоа имаа малку слободно време и за разглед на центарот на градот.
Соработката е остварена, пријателството е воспоставено, сега треба да продолжи да се одржува и негува.