Сектор: Економија, право и трговија
Стручното образование во Секторот економија, право и трговија во СОУ „Коста Сусинов“ – Радовиш е со четиригодишно траење. Образованието им овозможува на учениците да стекнат современи знаења, вештини и компетенции од областа на економијата, трговијата, деловното работење, електронската трговија и дигиталниот маркетинг.
Преку стручно-теоретската настава и практичното образование, учениците се оспособуваат за примена на современи деловни и дигитални алатки, организирање на продажни активности, комуникација со клиенти, креирање дигитални содржини и спроведување маркетинг-активности во традиционална и онлајн средина.
Во рамките на овој сектор се реализира квалификацијата:
Техничар за е-трговија и дигитален маркетинг
Четиригодишна квалификација со зголемен број часови по практично образование (дуално образование), насочена кон стекнување знаења и вештини за планирање, организирање и реализирање активности поврзани со електронска трговија, дигитален маркетинг и современо деловно работење.
Учениците се запознаваат со функционирањето на електронските продавници, дигиталното рекламирање, маркетингот на социјалните медиуми, креирањето содржини, комуникацијата со потрошувачите и анализата на податоци за унапредување на продажбата.
Наставни предмети и стручни области
Во текот на образованието учениците изучуваат општообразовни и стручни предмети, преку кои ги развиваат економските, деловните, комуникациските и дигиталните компетенции потребни за современото работење.
Стручните содржини опфаќаат области како што се:
- Економија и претприемништво;
- Електронска трговија;
- Дигитален маркетинг;
- Маркетинг на социјални медиуми;
- Маркетинг на содржини (контент маркетинг);
- Оптимизација на интернет-пребарувачи (SEO);
- Е-маил маркетинг;
- Платено дигитално рекламирање;
- Деловна комуникација;
- Работа со веб-алатки и бази на податоци;
- Анализа на податоци и унапредување на продажбата.
Преку овие наставни содржини учениците стекнуваат знаења за функционирањето на современите бизниси, онлајн продажбата, дигиталната промоција на производи и услуги, како и за користењето на податоците при донесување деловни одлуки.
Практично образование
Практичното образование има значајна улога во стекнувањето стручни компетенции. Преку зголемениот број часови по практично образование и учењето преку работа, учениците имаат можност стекнатите теоретски знаења да ги применуваат во реални деловни ситуации.
Можности за вработување
Со завршување на образованието, учениците се стекнуваат со квалификација што им овозможува вклучување во различни дејности поврзани со трговијата, маркетингот, продажбата и дигиталното работење.
Можностите за вработување се во:
- Компании за електронска трговија и онлајн продажба;
- Маркетинг-агенции и компании за дигитален маркетинг;
- Компании што користат социјални медиуми за промоција на своите производи и услуги;
- Претпријатија за трговија и продажба;
- Компании за веб-услуги и дигитална комуникација;
- Сектори за маркетинг, продажба и односи со јавноста;
- Компании што работат со бази на податоци и анализа на продажбата.
Стекнатите компетенции овозможуваат учениците да се оспособат за работни позиции како дигитален маркетер, маркетинг-референт, комерцијалист, веб-техничар, унапредувач на продажба и оператор на бази на податоци, во согласност со квалификацијата и потребите на работодавачите. Водич низ квалификации
Продолжување на образованието
По завршувањето на четиригодишното стручно образование, учениците имаат можност да го продолжат образованието на високообразовни установи во областа на економијата, бизнисот, маркетингот, менаџментот, електронската трговија и сродните општествени и информатички науки.
Нашата цел
Нашата цел е да образуваме креативни, претприемчиви и компетентни млади кадри, подготвени да ги применуваат современите дигитални технологии, да ги следат промените во економијата и бизнисот и успешно да одговорат на предизвиците на современиот пазар на трудот.
