Во периодот од 24ти до 26ти август, учениците од СОУ “Коста Сусинов”, Радовиш, учесници во проектот “Access”, беа на тридневен летен камп во “Извиднички центар”, Охрид, под менторство на професорките по англиски јазик Катерина Сусинова и Наташа Спасевска.
Летниот камп, организиран како завршна активност во склоп на проектот “Access”, се реализираше во две смени. Во првата смена заедно со учениците од нашиот град беа опфатени и ученици од градовите Свети Николе, Пробиштип, Куманово и Кичево, а во втората смена имаше ученици од градовите Велес, Скопје, Кочани, Гостивар и Тетово.
Ова беше одлична можност за учениците да се запознаат и дружат со ученици од други градови од Македонија, каде што исто така во изминатите две години се реализираше проектот “Access”.
Деновите во кампот на учениците им беа исполнети со разновидни работилници, организирани од нивните професори-ментори, со цел да се развиваат вештини за работа во тимови и групи, социјализација и комуникација, постојано го користеа англискиот јазик, а истовремено се дружеа, забавуваа и стекнаа нови пријателства.
Проектот “Access” е организиран од страна на МЦГО, а финансиран од Стејт Департментот на САД, па така за време на кампот координаторката на проектот г-ѓа Стела Пијанманова-Стојановска постојано беше присутна, заедно со други претставници од МЦГО, а исто така во првата смена учениците беа посетени од претставничката на Американската амбасада, г-ѓа Борка Танеска, а во втората смена учениците ја имаа честа да ја запознаат и амбасадорката г-ѓа Кејт Брнс.
Сите ученици и професори се многу задоволни од целата организација на кампот и си заминаа дома со позитивни искуства на кои секогаш со задоволство ќе се сеќаваат.