На 23. мај, во просториите на МКЦ (Младински културен центар) во Скопје, се одржа 8. по ред “Trash Fashion”, натпревар во кој учениците изработуваат модни дизајни од различен отпад и материјали кои што можат да се рециклираат и реупотребуваат. Овој натпревар се одржува секоја година по повод Светскиот ден за заштита на планетата Земја – 5. Јуни, во организација на Здружението на граѓани ОХО, а во склоп на Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем.
Нашето училиште СОУ “Коста Сусинов” и оваа година учествуваше на натпреварот и се претстави со моделот “Историска географија”, изработен од страна на ученички од I (прва) година: Илина Сандева, Анастасија Пулева и Ивана Пржовска, под менторство на проф. Катерина Сусинова.
Нашите ученички ја употребија својата имагинација и креативност за да го изработат моделот од: две стари училишни карти (една географска, една историска) и парче мека хартија, а за модните додатоци како што се чевли, шешир и чанта искористија картон, пластичен глобус, пластична кутија за видео касета и парчиња од училишните карти. Иако не освоија награда на натпреварот тие се многу задоволни од својата креација, настапот и од останатите активности кои се случуваа тој ден. Имено, пред главниот настан – модната ревија, моделот што ја носеше креацијата имаше генерална проба и фото сесија, а за тоа време останатите ученички од тимот учествуваа во креативна работилница во која изработуваа накит и чанти од реупотребливи материјали, кои подоцна беа изложени во холот на МКЦ.
Сите активности што се случуваа тој ден беа проследени од страна на учениците-млади репортери, кои што имаа за задача да фотографираат и снимаат за да подготват видео запис, фото репортажа и новинарска статија. За таа цел претставници од нашето училиште беа учениците од I (прва) година Илија Димитриев и Иван Евтимов, под менторство на проф. Нина Железарска, кои во текот на следната недела своите изработки треба да ги испратат до тимот одговорен за натпреварот “Млади репортери”.
Главната цел на натпреварот е постигната, односно голем дел од отпадот е реупотребен на еден креативен, интересен и забавен начин, а со тоа значително е развиена свеста кај младите за заштита на животната средина.